

Добитник на наградата „Даница Ручигај“ за 2025 г. за најдобра необјавена поетска книга е збирката песни со наслов „Ткажалки“, чиј автор е Александра Јуруковска, реномирана новинарка од областа на културата. На конкурсот, кој беше отворен од 18 јули до 18 август за членовите на ДПМ, пристигнаа вкупно 10 ракописи од седум поетеси и тројца поети, а за изборот на победничкиот ракопис одлучуваше анонимна тричлена жири-комисија во состав: Лулзим Хазири (претседател), Весна Ацевска и Сузана Мицева (членки).
„Поетскиот јазик на Јуруковска во триесетината песни на ‘Ткажалки’ е сплетен претежно од зборови карактеристични за нашата современост, но и со зборови што произлегуваат од нашата јазична традиција, обојувајќи ги стиховите со своевидна патина. На тој начин авторката внесува лична нота во современата македонска поезија. Oд народното говорно јадро извлекува и постари, но и дијалектни зборови умешно вклопувајќи ги во песните, на тој начин оживувајќи ја и збогатувајќи ја лексиката.“ се вели во Образложението на жири-комисијата, која, помеѓу другото, исто така забележува: „‘Ткажалки’ не е само збирка поезија – тоа е поетски споменик на личното и колективното страдање, но и сведоштво за силата на јазикот да ги сочува тагата, љубовта и достоинството.“
Во вториот, финален круг, според бодувањето на жири-комисијата, од десетте пријавени ракописи влегоа следните 5 наслови:
- Александра Јуруковска – „Ткажалки“
- Ирена Јурчева – „Седум“
- Милчо Мисоски – „Арабеска“
- Ана Пејчинова – „Чувари на малите нешта“
- Ана Стојаноска – „Три пати крешендо“
* * *
Наградата „Даница Ручигај“ беше востановена во 2015 г., и се доделуваше на објавена поетска збирка напишана од авторка. Пред две години наградата беше отворена за сите поетски книги од автори членови на ДПМ, а од оваа година, во согласност со одлката на Управниот одбор на ДПМ и правилникот за доделувањее на наградата, „Даница Ручигај“ се доделува на најдобар необјавен поетски ракопис. Возобновувањето на концептот на наградата доаѓа на десетгодишнината од нејзиното востановување во 2015 г.
Наградата „Даница Ручигај“ се состои од плакета и објава на награденото дело. Врачувањето на наградата, која го слави споменот на една од првите модерни македонски поетеси, авторка трагично загината во скопскиот земјотрес од 1963 г., е закажано за 24-ти овој месец во 19:00 часот во просториите на Друштвото на писателите на Македонија.
