Ана Пејчинова, Даниела Андоновска-Трајковска и Владимир Јанковски – добитници на наградите за најдобра книжевна форма на „Празник на липите“

Ана Пејчинова, Даниела Андоновска-Трајковска и Владимир Јанковски се добитници на наградите на конкурсот за најдобра кратка книжевна форма на 30. издание на „Празник на липите“ на Друштвото на писателите на Македонија.

На конкурсот за кратка книжевна творба (песна или расказ) распишан во рамки на манифестацијата „Празник на липите“, пристигнале вкупно 32 дела (26 песни и шест раскази). Тројцата членови на анонимната жири-комисија: Ива Дамјановски, Никола Маџиров и Жарко Кујунџиски, работејќи независно и бодувајќи ги непотпишаните творби пријавени на конкурсот, ги избра следните три дела:

I награда: „Мајсторска завршница“ од Ана Пејчинова (поезија)
II награда: „Татко ми станал писател“ од Даниела Андоновска-Трајковска (поезија)
III награда: „Сребре Тилевски, липарот“ од Владимир Јанковски (расказ)

Во своето образложение, жири-комисијата, помеѓу другото, забележува:

„Мајсторска завршница“ е песна за метафизичката кревкост на мерливото човечко присуство среде огнената моќ на природата и примордијалното, во која шаховската табла постепено се претвора во неограничен пејзаж на постоењето…
„Татко ми станал писател“ е песна за откривањето, за паралелната безвременска битка на зборот спроти премолченото, на сеќавањето наспроти слученото, за напишаното од рацете на оние што нè создале…
„Сребре Тилевски, липарот“ е приказна што продира под површината на линеарната стварност, што ја носи во себе старата мудрост и тишината на нешто што долго растело под земја. Сребре Тилевски не е само човек што ги сака липите — тој постепено станува нивен човечки облик свртен кон она што ќе остане по него…

Трите избрани творби, како и другите дела пријавени на анонимниот конкурс, ќе бидат претставени на книжевното читање што ќе се одржи на 5 септември во просториите на ДПМ (улица „Максим Горки“ бр. 18 во Скопје), со што ќе се затвори манифестацијата „Празник на липите“ за 2026 г.
Првиот дел од манифестацијата се одржа на 20 јуни, кога наградата „Книжевен жезол“ за поетски опус беше доделена по 30.пат на лауреатите академик Ристо Василевски од Македонија и на бугарската поетеса Роза Бојанова.

Add comment