ДПМ вчера го отвори конкурсот „Даница Ручигај“ за 2025 г., за најдобра необјавена поетска збирка.
Наградата „Даница Ручигај“ ќе се додели за необјавена поетска книга напишана на македонски јазик или на некој од јазиците на националностите во Македонија, со доставен превод на македонски јазик.
Право на учество на конкурсот, во согласност со Статутот на ДПМ, имаат сите активни членови на Друштвото.
Конкурсот ќе биде отворен еден месец, од 18 јули 2025 до 18 август 2025, а за доделување на наградата ќе одлучува тричлена жири-комисија.
Наградата „Даница Ручигај“ се состои од плакета (повелба) и од објавување на победничкиот ракопис.

Наградата „Даница Ручигај“ беше востановена во 2015 г., а досега е доделена вкупно девет пати. Оваа година, на своето јубилејно, десетто издание, „Даница Ручигај“ доаѓа со сосема нов концепт: наместо за објавена поетска збирка, признанието се доделува за најдобар необјавен ракопис.
ДПМ им се заблагодарува на сите досегашни организатори и лауреатки на наградата: Елена Пренџова, Љерка Тот Наумова, Бистрица Миркуловска, Мирјана Тренчова, Марина Мијаковска, Билјана Станковска, Љубинка Мијал Донева, Вања Изова Велева и Славица Дабевска Кировска за поддржувањето на споменот на Даница Ручигај, една од првите современи македонски поетеси. Најпосле, Друштвото им посакува среќа на сите овогодишни учесници на конкурсот.