Во очекување на најдобрите петмина од 2025: потсетување на годишните награди на ДПМ за 2024 г.

Свечено и достоинствено, Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) на 13 февруари 2025 година во своите простории ги врачи традиционалните годишни награди за 2024 година и истовремено одбележа 78 години од своето основање.

Годишните награди на ДПМ за 2024 година ги добија дела што се издвојуваат со своите книжевни вредности. Наградата „Стале Попов“ на ДПМ за најдобро прозно остварување во 2024 година ја доби книгата со наслов „Приказничар“ на Жарко Кујунџиски („Антолог“). Книжевната награда „Стале Попов“ на ДПМ во книжевната фела зазема значајно место и дава силен поттик за континуиран развој на романот како жанр.

– Книжевната награда „Стале Попов“ има особено значајно место во македонскиот книжевен пејзаж, затоа што претставува едно од ретките признанија насочени кон прозата како книжевен вид, а не го супституира или фаворизира ниту еден од одделните книжевни жанри (роман, расказ, микрофикција, песна во проза, итн.). Таа не само што го вреднува континуитетот и зрелоста во прозното творештво на годишно рамниште, туку и создава обврска кај писателите постојано да го надградуваат својот израз, теми, стилски особености и наративни постапки. Како награда што ја доделува најстарата писателска асоцијација во земјата – ДПМ, а претставувано преку жири-комисија, исто така составена од членови писатели, носи и автентичност и кредибилитет, а со тоа и силен поттик за развој на современата македонска проза – истакнува добитникот на наградата Жарко Кујунџиски.

Стихозбирката „Посвети и пофалби“ на Иван Џепароски („Дијалог“) ја доби наградата „Ацо Шопов“ на ДПМ за најдобра збирка поезија во 2024 година.

– Повеќе е од јасно дека наградата „Ацо Шопов“ на ДПМ (заедно со наградата „Браќа Миладиновци“ на СВП) е една од двете наши највисоки и најзначајни награди за најдобра поетска книга во тековната година. Овој факт доволно јасно говори за значењето на оваа награда за сите членови на ДПМ кои поезијата ја сметаат за свој доминантен книжевен жанр и кои на поезијата ѝ го посветуваат своето книжевно дело. Од друга страна, сознанието дека наградата го носи името на нашиот книжевен великан Ацо Шопов, кој не само што е еден од основачите на ДПМ, туку е и авторот на првата објавена поетска книга во слободна Македонија, уште повеќе го истакнува значењето на Ацо Шопов не само за нашето друштво на писатели, туку и за севкупната македонска книжевност и култура – посочува добитникот на наградата Иван Џепароски.

Книгата „Бакнежи на небото“ на Иван Антоновски („Светулка“) е добитник на наградата „Ванчо Николески“ на ДПМ за најдобра книга за деца и млади во 2024 година.

– Треба да се има предвид дека наградата „Ванчо Николески“ не само што го носи името на еден од основоположниците на современата македонска книжевност за деца и не само што има најголема традиција, туку во моментов е и единствената годишна награда за објавена книга за деца и млади во Македонија. Неспорно, имаше обиди за востановување и на други награди, но забележливо е дека тие не го одржаа континуитетот или, пак, едноставно, не се доделуваат, иако бројноста на книгите за деца од македонски автори станува сѐ поголема. Сепак, треба да се има предвид дека во конкуренција можат да се најдат само книги на членови на ДПМ, додека голем дел од поактивните автори на актуелната продукција на книги за деца и млади, особено од поновите генерации писатели, не се членови на ДПМ, што не е случај и со бардовите на македонската книжевност за деца со активен опус.

Оттука, и покрај хиперпродукцијата на македонски книги за деца (а значајно помалку и за млади, бидејќи се чувствува голем недостиг на македонска книжевност за тинејџерската публика), кога повеќе од потребен ни е релевантен критички суд, и покрај сите настојувања, за жал, наградата „Ванчо Николески“ не може да е целосен, едновремен – критички, односно вредносен „филтер“ за севкупната продукција, за сите нови трендови и поетики, и за новите остварувања на етаблираните писатели за деца што со децении творат за најискрената публика со најстрог суд. А во овој период, токму заради хиперпродукцијата, сѐ понагласена е потребата од темелен прочит и критички суд што ќе биде релевантен и за заинтересираниот аудиториум – особено родителите што „бомбардирани“ со нови наслови, промотивни рецензии и маркетинг, објективно се прашуваат: „Што да му читам на / што да чита моето дете?“ Следствено, голем е товарот и предизвикот за книжевната критика, надвор од промотивните настани – да ја следи и соодветно да ја коментира актуелната книжевна продукција, а тоа подразбира и соодветен простор за објави на вакви рецензии / критики, во формат што ќе допре и до поширокиот аудиториум, а не само до стручната јавност. Неминовно, очигледно е дека и надвор од ДПМ треба да се посвети поголемо внимание на оваа награда, особено на наградените книги, вклучително и во меѓународните претставувања на македонската книжевна сцена. Очигледно треба да се посвети внимание оваа награда да биде земена предвид од повеќе чинители на нашата културна, општествена, па и политичка стварност, за да се посвети и поголемо внимание и на наградените книги и на оние што влегле во најтесен избор. Но, и да се размислува како понатаму самата награда ќе се стави во функција на афирмација на книгите, за да не се случува „краткорочна актуелност“. Од друга страна, во период на хиперпродукција, парадоксално е и натаму бројот на книгите во конкуренција да е мал, што, пак, упатува дека можеби и референтноста на оваа награда е зависна од самата референтност на ДПМ – и сега, и во иднина – забележува добитникот на наградата Иван Антоновски.

Наградата „Димитар Митрев“ на ДПМ за најдобра книга критика или есеистика во 2024 година ја доби „Книжевни паметници“ на Наташа Аврамовска (Институт за македонска литература).

Со оглед на тоа што е единствена специјализирана награда кај нас за книжевна критика несомнено е дека има особено значење на книжевната сцена, но и пошироко, на културната, што секако му соодветствува на значењето што го ужива самата книжевност, а оттаму и нејзиното критичко промислување во културата. Притоа морам да напоменам дека поимот книжевна критика е појмен во широк значенски дијапазон на критичко, есеистичко, теоретско, критичко-теоретско и книжевно-научно проследување на книжевноста и нејзините развојни процеси. Сите награди на ДПМ, вклучително и наградата „Димитар Митрев“, се несомнено поттик. Најнапред поттик за дијалог за критериумите и вредностите на самата жири-комисија, кој дијалог потем се прелева и во промислувањата и комуникациите на пошироката книжевна сцена како реакција на одлуката или одлуките. Тоа е значаен импулс за живо книжевно дебатирање, особено во услови кога критика, во смисла на новинска критика од триесет реда која вредносно го оценува делото денес не постои. Зошто не постои, пак, е голема тема – загатнува добитничката на наградата Наташа Аврамовска.

Наградата „Мост“ на ДПМ за најдобро дело објавено на некој од јазиците на националностите во Македонија во 2024 година ја доби „Била једном једна кућа“ („Си беше еднаш една куќа“) на Гордана Јовиќ-Стојковска („Слово љубве“).

– Наградите што им се доделуваат на автори кои пишуваат на малцински јазици имаат посебна тежина, бидејќи се движат во простор каде што културата, идентитетот и политиката неизбежно се преплетуваат. Таквите признанија не се однесуваат само на квалитетот на делото, туку и на пошироките услови во кои тоа дело настанува. На малцинскиот јазик наградата му обезбедува видливост, која неизбежно му недостига во доминантните литературни системи. Многу малцински заедници живеат во услови каде нивниот јазик е потиснат или маргинализиран. Кога дело напишано на таков јазик се наградува, јазикот влегува во јавниот простор како рамноправен учесник, не како „културен остаток“ или фолклорно обележје. Признанието има функција на поттикнување, поддршка и охрабрување. Писателите кои создаваат на малцински јазик често работат со ограничена читателска база и со малку институционална помош.

Наградата им дава сигнал дека нивниот труд е забележан, дека нивната книжевност е релевантна и дека има можност да се пласира надвор од тесниот круг на заедницата. Тоа е важно за нивната мотивација, но и за опстанокот на самата литературна традиција, како и на чување на основата на националниот идентитет, јазикот. За многу автори кои пишуваат на јазиците на помалкубројните заедници во Македонија, наградите можеби можат да отвораат пат кон преведување и интернационализација. Малцинскиот јазик ретко самостојно доаѓа до широк читателски досег, но награденото дело може да привлече интерес кај издавачи, преведувачи и критичари. На тој начин, литературата на малцински јазик ја надминува својата географска и статистичка ограниченост и станува дел од поширокиот книжевен корпус. И политички коректно: во институционален и политички контекст, доделувањето награди на малцински автори претставува признавање на културниот плурализам. Тоа е практика што ја потврдува важноста на различноста, и покажува дека малцинските култури и нивните јазици не се периферни туку составен дел од општеството. Таквото признание често има и симболична вредност за самата заедница. Конечно, некако и воопштено, наградите го поттикнуваат развојот на нови автори. Кога една литература го добива местото што го заслужува, тоа создава простор за следната генерација да се појави со поголема сигурност и амбиција. Опстанокот на малцинскиот јазик, во книжевна смисла, зависи токму од ваквите процеси на континуирано охрабрување.

Покрај општественото значење што го имаат годишните награди на ДПМ во поширок книжевен и културолошки контекст, тие имаат исклучително значење и за самите автори, и во однос на конкретното дело и во однос на нивното севкупно творештво.

– Признанието „Стале Попов“ го доживувам како укажана чест, но и како ненајавено потсетување на одговорноста што ја носи секој автор кога создава прозно дело во кое се пледираат освен естетички, секогаш и етички и општествени принципи. Оваа награда ми потврдува дека вложениот труд и љубовта кон литературата се препознаени од колегите автори, кои од искуство се најстрогите читатели. Истовремено, „Стале Попов“ ме мотивира да продолжам уште посмело да истражувам нови теми и да го продлабочувам книжевниот опсег на интереси. Конечно, чувството е мешавина од благодарност, радост, синергија со книжевниот контекст и нов личен творечки импулс – истакнува Жарко Кујунџиски.

За Иван Џепароски добивањето на наградата значи и влегување во друштвото на сите досегашни добитници на наградата „Ацо Шопов“.

– Да се биде добитник на наградата што го носи името на Ацо Шопов за мене претставува особено пријатно и радосно чувство, зашто на тој начин не само што станувам дел од редицата наши врвни поети поранешни добитници на оваа награда, туку, уште повеќе, се радувам и поради сознанието дека на тој начин како со една скриена нишка да станувам уште посилно поврзан со врвното поетско творештво на Шопов, кое исклучително го почитувам. Згора на тоа, фактот дека Ацо Шопов има дипломирано на Филозофскиот факултет во Скопје на групата за филозофија, е од своја страна мошне важно за да може да се разбере од каде доаѓа филозофската длабочина на неговата поезија, а особено на поимот „небиднина“ што тој го скова и го постави во средиштето на својата поезија. Сето ова, со оглед на фактот дека и јас самиот многу подоцна дипломирав на истата група (сега Институт за филозофија), а повеќе децении бев и професор на овој Институт, како некој своевиден дводомен автор – кој е дома и во поезијата и во филозофијата – за мене, оттаму, има особена важност.

И иако поетот Ацо Шопов професионално не се занимаваше со филозофија, јасно е дека тој не можеше а да не ги црпи своите идеи од филозофијата, за потем нив да ги транспонира во фасцинантни стихови и песни. Имајќи го предвид ова сознание за поврзаноста на филозофијата и на поезијата во творештвото на Ацо Шопов, сакам да верувам дека и во моето поетско дело оваа поврзаност меѓу филозофијата и поезијата успешно се остварува, давајќи ѝ на тој начин некој особен и препознатлив белег на мојата поезија. А што се однесува до почитта кон поезијата на Шопов таа, во мојата наградена поетска книга „Посвети пофалби“, се огледува и од фактот дека во неа цел еден поетски циклус насловен како „Старо купувам“ се надоврзува на стиховите на Шопов и со нив стапува во творечки дијалог. Зашто мојот став, за кој постојано се залагам, е дека македонската поезија е најсилна кога без престан е во творечки дијалог не само со светската поезија, туку и со нашите врвни поетски претходници. А Ацо Шопов, несомнено, е еден од тројцата наши најзначајни поети на ХХ век кој и денес не престанува да нè восхитува и да нè инспирира.

За Иван Антоновски наградата е обврска, но и поттик да се биде иновативен и креативен.

– За мене, наградата што доаѓа од фелата, што има таква традиција, што го носи името на Ванчо Николески, и не можам да не нагласам, за којашто има одлучувано релевантна комисија, особено што ја добив за книгата со којашто дебитирав во книжевноста за деца, во конкуренција во којашто беа и книги од автори со коишто растев и како човек и како творец, не може да не мотивира и да не обврзува. Независно од сѐ друго. Обврзува да се биде истраен во определбата за авторска посветеност на книжевноста за деца (доволно беа „екскурзии“ во книжевноста за деца што неспорно, и наштетуваат), но и натаму да се има строгоста кон самиот себеси за да се објавуваат книги со (по)високи вредности, да се биде иновативен и креативен… Се надевам дека со новата книга „Градина полна латици“, достоинствено продолжив по патот на којшто обврзува и рецепцијата на претходната, наградената „Бакнежи на небото“. Продолжувам и натаму… по патот со нови предизвици, нови прашања и одговори, нови поетики, нови средби со најстрогите читатели… – потврдува Иван Антоновски.

За секој добитник на наградата особена чест е што таа е добиена како признание од фелата, а тоа го истакнува и Наташа Аврамовска.

– Наградата ми е особено драга, се разбира, се чувствувам како и секој добитник на награда почестена од признанието на фелата, што секогаш за еден автор е најголемото признание. Мојата книжевно-критичка и критичко-теориска генерација инаугурираше ново поимање на книжевната критика која ги следи доминантно книжевните процеси и кога е сосредоточена на едно дело и кога споредбено проследува повеќе дела теоретски, во интеркултурни релации или во книжевно-историски контекст, па оттаму ми е секако драго што таквиот прочит наидува на позитивен прием. Конкретно, мојата книга „Книжевни паметници“ е посветена на сведошните и други различно профилирани мемориски книжевни исписи на работ меѓу факцијата и фикцијата, област, што долго, повеќе децении со интерес ја следам во нејзиниот повеќе од столетен развој. Наградата „Димитар Митрев“ лично, на интимен план во однос на моите истражувачки интереси, ја чувствувам како своевидно со позитивен одглас заокружување на долгогодишен ангажман, но и како поттик за сосема нови истражувачки предизвици – истакнува Наташа Аврамовска.

Според Гордана Јовиќ-Стојковска, наградата не е само чин на оддавање признание, туку покренува и суштински прашања во однос на изразувањето на мајчиниот јазик на етничките заедници во државата.

– Со изборот да пишувам на мајчиниот јазик, а и поради неколку други причини, последните две децении речиси и не аплицирав за награди. Всушност, наградите што ги добивав беа најчесто меѓународни и без поднесена апликација, што ми причинуваше искрена радост; не затоа што наградата сама по себе е многу важна, туку затоа што доаѓаше како ненаметливо признавање. Наградата „Мост“ ме изненади и искрено ме израдува, но потребно е да се каже и нешто што ретко се споменува: конкуренцијата за оваа награда е минимална, често на самиот раб меѓу можноста и неможноста таа да се додели поради малиот број учесници. Токму тоа многу зборува за положбата на писателите кои творат на мајчините, малцински јазици и за ограничените можности за нивна афирмација. Во секој случај, ако сакаме да има вистинска промена, мора многу повеќе да се вложи во поддршка и подобрување на статусот на авторите од оваа категорија. Наградата е позитивен чекор, знак дека поддршката постои, но таа е само почеток… – посочува Гордана Јовиќ-Стојковска.

Овие пет автори со своите дела напластија нов слој на традицијата на Друштвото на писателите на Македонија и затворија еден круг на награди и признанија за да може со следниот конкурс да се отвори нов круг и да се овозможи континуирано да расте долгогодишното книжевно стебло на ДПМ.

Тофни Димков

Add comment