Во пресрет на јубилејот – 80 години ДПМ

Говор на претседателот на Друштвото на писателите на Македонија, Живко Грозданоски, на денот на одбележувањето 79 години од основањето на ДПМ – 13.2.2026 г.

Почитувани претставници од Министерството за култура и туризам, ценети лауреати на наградите на ДПМ за 2025 г., драги колешки и колеги членки и членови на Друштвото на писателите на Македонија, почитувани новинари, соработници, гости.

Пред сè, нека ни ја честита годишнината – 79 години од основањето на Друштвото на писателите на Македонија. Оваа бројка не е воопшто мала, и треба да ја гледаме со должна почит: зборуваме за седумдесет и девет години организирано дејствување на писателите, пред сè во заедничката насока на уважување и промоција на нашата книжевност и култура. Ова е здружна потврда на писателската професија како еден од најстарите и најважните столбови на кои се крепи поимањето на она што отсекогаш го сметаме за култура и цивилизација. Ова се безмалку осум децении континуиран стремеж да се биде рамноправен дел од светот, да се сведочи сопствената книжевност и култура, со сета нејзина поливалентност и богатство од различности.

Нашето Друштво на писателите во минатото имало славни мигови, но имало и тешки денови, и периоди на невидливост. Но, најважно е тоа што секогаш преовладувала некаква верба во заедништвото. А денес, кога прославуваме 79 години од основањето, пригодно е да направиме мал пресек на она што го имаме.

За почеток, денес имаме чисти и уредени простории, со попишан инвентар и со современа технологија, која, помеѓу другото, ни овозможува непречена поврзаност и со јавноста и со членството, независно дали тоа се наоѓа во земјата или надвор од неа.

Имаме средена правна регулатива и петнаесетина нормативни акти: имаме Статут, правилници, деловници и обрасци според кои работиме, примаме нови членови, функционираме како Управен одбор, организираме конкурси за награди и други активности.

Денес имаме склучено договори за соработка со седумнаесет книжарници, театри и други институции во Скопје и низ Македонија, и тоа е соработка која му носи поволности на членството.

Денес одржуваме активно членство во Европскиот писателски совет, а се одржува и манифестацијата „Празник на липите“, со „Книжевниот жезол“, кој нè поврзува со истакнати творци што живеат надвор од нашите граници. Минатата година, се сеќаваме, лауреатка на наградата „Книжевен жезол“ беше и српската поетеса Радмила Лазиќ.

Сепак, она што наидува на најголема поддршка кај писателите, и особено кај јавноста, е тоа што ДПМ активно ја промовира нашата литература на социјалните медиуми. Од една страна, по вертикала, Фејсбук и Инстаграм страниците на ДПМ секојдневно го оживуваат ликот и делото на голем број автори што не се веќе меѓу нас, со тоа што се споделуваат нивни творби, фотографии и биографии. Од друга страна, по хоризонтала, на Фб и на Инстаграм се споделуваат и извадоци од актуелното творештво на сите членови на Друштвото што конкурираат за годишните награди. Се работи, значи, за едно постојано исполнување на дигиталната сфера со нашата книжевност. Во следните денови, ќе бидат објавувани и книжевните осврти од жири-комисиите за сите седумнаесет финалисти на овогодишните награди на ДПМ.

Значи, можеме да речеме дека имаме многу за што да сме благодарни. Но, има и уште многу работа пред нас. По нашата внатрешна консолидација, пред нас пред сè останува можноста и потребата да се поврземе со слични друштва на писатели од нашиот регион, но и од светот. Пред нас, понатаму, останува потребата да се разработи дистрибуцијата на „Стожер“. Да се разработи издавачката дејност.* Да се објави нов зборник на членови, за почеток. Потоа, да се направи детален попис на богатиот книжен фонд во Друштвото. И ред други можности.

Најважно е тоа што Друштвото е живо, и активно се движи кон големиот јубилеј, 80 години од основањето, кој ќе го одбележиме следната година. Утрово, заедно со претседателката на ДЛУМ и со претседателот на ДФРМ имавме средба со министерот за култура и туризам. Работиме на тоа нашите три Друштва да добиваат годишни грантови за институционална поддршка – нешто што драматично би го подобрило функционирањето на ДПМ.

Пред да преминам на завршната поента од овој мој говор, би сакал оттука да спомнам неколку зборови за членството. На 1.6.2024 г., на Собранието на кое актуелниот УО почна со работа, ДПМ броеше 111 активни членови. Денес, ДПМ има 60 активни членови повеќе – 171 член. А еве и еден податок што укажува на потребата од обновување на членството: изминативе две години, ДПМ прими десет нови членови.** Но, од друга страна, се збогува со дванаесет колеги, некои од нив носечки столбови на нашиот книжевен дваесетти век. Соодветно е да бидат спомнати нивните имиња: Бистрица Миркуловска, Михаил Ренџов, Славка Арсова, Оливера Николова, Наум Бајо, Наум Попески, Благој Самоников, Цане Андреевски, Славица Гаџова-Свидерска, Дина Кувата (Димо Димчев), Георги Сталев Поповски и Тихомир Јанчовски. Нека им е вечен споменот!

За крај, би сакал да се потсетам на моето интервју за „Слободен печат“ од септември 2024 г. Тогаш реков дека „ДПМ може да дејствува гласно, сложно и независно“. Таквиот оптимизам тогаш беше неопходен за да може да се ревитализира Друштвото. Реалноста е дека ДПМ никогаш нема да биде сто проценти сложно – секогаш ќе постојат тензии, несогласувања. Но, како што се движиме кон нашиот голем јубилеј, битно е што сме свесни дека тие тензии не само што се дел од нашата човечка природа, туку токму благодарение на тие разминувања и на нивното надминување, ние всушност растеме – и како индивидуи и како колектив. И така со нас растат и нашите потомци, со нас растат и нашите претци. За многу години!


* Кај издавачката дејност на ДПМ, важно е да се спомене објавата на „Она што се памети живее (Никогаш докрај раскажани приказни)“ (2025) збирка раскази од 21 автор, како исход од рубриката „Амаркорд“ на ДПМ.

** Нови членови на ДПМ од 2024 до 2026 г.: Митко Гогов, Искра Донева, Симона Јованоска, Хана Корнети, Милчо Мисоски, Атанас Бојароски, Драгана Лукан Николоски, Лулзим Хазири, Лидија Давидовска и Ива Дамјановски

Add comment