Од Собранието (1 јуни 2024) наваму: краток преглед на досегашната работа на новото раководство на ДПМ, благодарност

Крајот на годината e најсоодветната прилика да се направи краток преглед на поголем дел од она што досега го реализираше новото раководство во Друштвото на писателите на Македонија.

По изборното Собрание, кое се одржа на 1 јуни, како своевидна инаугуративна активност во Друштвото беше дводневниот настан „Отворено ДПМ“ на 17 и 18 јуни, кога Друштвото два дена беше отворено од 9 до 21 часот и за членови и за нечленови: за запознавања, разговори и идеи околу можните начини за негова работа.

Во текот на јуни, Управниот одбор на ДПМ усвои Правилник што го регулира неговото работење, но и други акти: со цел одржување на континуитетот во доделувањето на годишните награди на ДПМ, кое е една од стожерните манифестации на Друштвото, прво беа усвоени Правилник за доделување на годишните награди, но и Деловник за работата на жири-комисиите. Најпосле, на 23 јуни 2024 г. беше отворен конкурсот за годишните награди на ДПМ за претходната, 2023 година.

На крајот на јуни се одржа конститутивната седница на Судот на честа на ДПМ, на која беа усвоени Етичкиот кодекс на ДПМ, Правилникот за работа на Судот на честа и придружните обрасци.

Во меѓувреме, главната сала на ДПМ беше опремена со проектор, платно за проекција и со озвучување, а по летните одмори, на средината на септември беа доделени годишните награди на ДПМ за минатата 2023 година. Неколку дена потоа куратори од Музејот на современа уметност во Скопје направија попис на уметничките дела во ДПМ.

На крајот од месецот, на роденденот на Руми, се одржа првиот „вистински“ отворен настан во Друштвото, „Вечер со Руми“, на кој преведувачите Ана Пејчинова и Тихомир Јанчовски, заедно со дел од присутните зборуваа за славниот персиски поет и читаа негова поезија. Следниот настан во ДПМ, кон средината на октомври, беше предавањето на Игор Радев за Класичниот кинески поет како дејствувачко лице на историјата, настан кој само ја потврди одлуката на раководството на ДПМ Друштвото да биде повеќе отворено за чествување на светското книжевно и културно наследство, и воедно да се отвори кон културната јавност воопшто.

Ова беше година во која нè напуштија некои од најмаркантните фигури во современата македонска книжевност. На крајот на октомври, заедно со НУБ и со ПЕН-центарот, ДПМ одржа комеморација за Михаил Ренџов, а на почетокот од ноември во ДПМ беше одржана комеморација за Оливера Николова. ДПМ достоинствено се прости и од своите членки Бистрица Миркуловска, која беше најстариот член на ДПМ, и од поетесата и организаторка на детскиот книжевен фестивал „Ракатки“ Славка Арсова.

Во меѓувреме, Друштвото работеше на остварување соработка со други институции: договори попусти од 30 % за своите активни членови со седум издавачки куќи во нивните книжарници, како и попуст од 50 % во три театри во Скопје. На својата десетта седница, одржана на 25.11.2024 г., Управниот одбор на ДПМ донесе одлука со која просториите на ДПМ се отвораат и за други институции од областа на книжевноста и културата, па така на 30.11.2024 г, во свечената сала на ДПМ се одржа и првиот таков настан: доделување на наградата „Вавилон – ЗПРМ“ (2024) за најдобар млад преведувач, во организација на Здружението на преведувачи и толкувачи на Р. С. Македонија.

На втори декември беше отворен годишниот конкурс за традиционалните годишни награди на ДПМ за 2024 г., а на 10.12.2024 г. во ДПМ се одржа и предавање на Ана Стојаноска од ФДУ (, кое имаше и пренос во живо преку Фејсбук-страницата на ДПМ.

Во меѓувреме, ДПМ потпиша уште пет меморандуми за соработка: со народниот театар во Битола, со театарот „Јордан Хаџи-Константинов – Џинот“ во Велес, театарот „Антон Панов“ во Струмица и со Албанскиот театар и со Театарот за деца и младинци во Скопје.

Како значајно заокружување на шестмесечното работење на новото раководство, на почетокот од декември беше објавен приемот на пет нови членови во Друштвото на писателите: Митко Гогов, Искра Донева, Симона Јованоска, Хана Корнети и Милчо Мисоски. На 17.12.2024 г., пак, во ДПМ се одржа и првата промоција на роман во новото ДПМ: „Ветрилиште“ од Игор Анѓелков (издание на „Или-или“).

Работата на Друштвото продолжува: во тек е изборот на годишните награди на ДПМ за 2024 г.: на конкурсот се пријавија вкупно 46 дела (11 повеќе во споредба со пријавените за 2023 г.), а на својата седница одржана на 23.12.2024 г. УО на ДПМ со тајно гласање ги одреди и потенцијалните членови на жири-комисиите за доделување на наградите.

На 1 јуни ДПМ имаше 111 активни членови, сега се речиси 150. Од почетокот на работењето наваму, нè напуштија четворица наши членови, но во Друштвото се зачленија петмина нови.

Во пресрет на идните активности во Друштвото, Управниот одбор ја искажува својата благодарност до членството за укажаната доверба и за учеството во активностите, но и до другите институции со кои е склучена соработка, до новинарите и до сета книжевна и културна јавност, која со својата поддршка продолжува да придонесува за афирмацијата на Друштвото: ова е афирмација на целокупната наша заедница, но и афирмација на нашата земја и на регионот воопшто. А пред нас остануваат недобројни можности. Во тоа име, ја заокружуваме годината со мал предновогодишен коктел за сите членови и пријатели од книжевната и од културната јавност – повелете денес во 12:00 во нашето заедничко ДПМ.

Add comment